Со Законот за дополнување на Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам (Службен весник на РСМ број 275/2019 година) во член 182 додаден е нов став 3 кој гласи:

„(3) Со влегувањето во сила на овој закон забраната за плаќање со готовина на стоки и услуги од членот 48 од овој закон, ќе се однесува на готовински плаќања во износ од 3.000 евра или повеќе во денарска противвредност во вид на една или повеќе очигледно поврзани трансакции, што не е извршено преку банка, штедилница или преку сметка во друга институција која дава платежни услуги.“.

Наведената законска измена влегува во сила со денот на објавувањето во Службен весник односно на 27 Декември 2019 година.

Согласно наведеното, од 27 Декември 2019 година, трговците кои вршат наплата во готовина ќе можат да вршат продажба и наплата до 3.000 евра при поединечна трансакција. Над овој износ наплатата ќе може да се изврши со платежни картички или со упатување на купувачот плаќањето да го изврши преку банка. Оваа забрана за плаќање во готовина над пропишаниот износ не се однесува на приредувачите на игри на среќа.

Потсетуваме дека од 1 Јуни 2019 година до 26 Декември 2019 година согласно член 182 став 2 од Законот за спречување перење пари и финансирање тероризам, („Службен весник на РМ“ бр.120/18) беше забрането плаќање со готовина на стоки и услуги во износ од 500 евра или повеќе во денарска противвредност во вид на една или повеќе очигледно поврзани трансакции, што не е извршено преку банка, штедилница или преку сметка во друга институција која дава платежни услуги. Во 2018 година со стапувањето во сила на Законот за спречување на перење на пари во периодот од 7 Јули 2018 година до 31 декември 2018 година, забраната за плаќање со готовина на стоки и услуги изнесуваше 2.000 евра или повеќе во денарска противвредност (член 48 од Законот). Од 1 јануари 2019 година до 31 мај 2019 година, оваа забрана за плаќање со готовина на стоки и услуги се однесуваше на готовински плаќања, во износ од 1.000 евра или повеќе во денарска противвредност (член 182 став 1 од Законот).

За тоа што преставува готовина и плаќање со готовина е наведено во член 2 став 1 точка 15 од Законот за спречување на пари каде е дадена дефиниција дека „Готовина“ се книжни и ковани пари кои врз основа на закон се во оптек во Република Македонија или во странска држава.

Казните за непочитување на наведената забрана од страна на правните лица и трговците поединци кои ќе наплатат во готовина над пропишаниот износ (500 евра по 1 јуни 2019 година) се пропишани во член 162 од Законот за спречување на перење на пари. Во цитираниот член е пропишано следното: глоба во износ од 30.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на правното лице, односно трговец поединец, ако прими готовина спротивно на членот 48 од овој закон. За наведеното дело, глоба во износ од 30% од одмерената глоба на правното лице, односно трговецот поединец ќе му се изрече за прекршок и на одговорното лице во правното лице, односно трговецот поединец за претходно наведеното дејствие

Во членот 146 од Законот за спречување на пари е наведено дека Управата за јавни приходи во согласност со своите надлежности врши надзор врз правни и физички лица во однос на примената на забраната за готовински плаќања над пропишаниот износ.