Во „Службен весник на РСМ“ бр. 93/20 објавена е Уредба  за ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА на работодавачите од приватниот сектор кој се  погодени од  кризата предизвикана од вирусот COVID-19,  заради исплата на платите за месеците април и мај 2020 година.

Објавената уредба со законска сила, ги уредува условите, начинот и постапката на финансиска поддршка на работодавачите од приватниот сектор погодени од  кризата предизвикана од вирусот COVID-19, се со цел да се помогне и да се изврши исплата на платите на работниците за месеците април и мај 2020 година.


„Работодавач од приватниот сектор“  е секој правен субјект од приватниот сектор кој вработува работници врз основа на договор за вработување, физичко лице кое вработува работници врз основа на договор за вработување и работодавач корисник, согласно со Законот за приватни агенции за вработување.


ВИСИНА НА ФИНАНСИСКАТА ПОДДРШКА

Предмет на финансиска поддршка е исплатата на платите на работниците кај работодавачот - барател на финансиска поддршка за месеците април и мај 2020 година, во износ најмногу до 14.500 денари месечно по работник, согласно со работното време на кое е пријавен работникот, намалено за работното време за кое се остварува надоместок на плата кој не паѓа на товар на работодавачот. 


Барањето од работодавачот-барател на финансиска поддршка го поднесува преку системот е-даноци на Управата за јавни приходи до 5-ти во месецот за претходниот месец, а комплетноста на Барањето го потврдува Управата за јавни приходи, во рок од 3 дена од денот на приемот на барањето. Во Барањето работодавачот-барател на финансиска поддршка дава Изјава за исполнетоста на условите пропишани согласно уредбата.


УСЛОВИ ЗА ДОБИВАЊЕ НА ФИНАНСИСКАТА ПОДДРШКА

1. Намалувањето на вкупните приходи на работодавачот-барател на финансиска поддршка во месец април 2020 година или во месец мај 2020 година да изнесува повеќе од 30% во однос на месечниот просек на вкупните приходи остварени во 2019 година, а за работодавач-барател на финансиска поддршка кој е запишан во соодветен регистар (основан) после месец март 2019 година, вкупните приходи за месец април 2020 година или месец мај 2020 година да се помали за најмалку 30% во однос на месечниот просек на вкупните приходи остварени од денот на запишувањето во соодветен регистар во 2019 година и месеците јануари и февруари 2020 година. За работодавачот-барател на финансиска поддршка кој врши дејност од сезонски карактер, намалувањето на просечните приходи за последниот сезонски период од 4 месеци споредено со просечните приходи за сезонскиот период од истите 4 месеци во претходната година да изнесува повеќе од 30%

2. Работодавачот-барател на финансиска поддршка да не исплатува дивиденда на сопствениците, како и да нема извршено исплата по основ на награда за деловна успешност (учество во добивка, бонус) или друг вид на годишна награда на вработените и органите на управување и надзор на работодавачот-барател на финансиска поддршка, од денот на влегувањето во сила на оваа уредба, до денот исплатата на платата за месец мај 2020 година

3. Најмногу 10% од вкупниот број на вработени кај работодавачот-барател на финансиска поддршка да имаат поединечна месечна нето плата над 120.000 денари месечно по вработен, за месецот за кој се бара финансиска поддршка.


Работодавач - барател на финансиска поддршка не може да користи финансиска поддршка за работник доколку:



- Работникот за периодот декември 2019 година, јануари 2020 година и февруари 2020 година, остварил нето плата повисока од 39.900 денари за секој месец одделно, сразмерно на часовите на пријавено работно време

- Користи субвенционирање согласно со Уредбата со Законска сила за субвенционирање на износ за исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување за време на вонредна состојба

- Користи ослободување од плаќање на данокот на личен доход и придонеси од задолжително социјално осигурување, согласно со Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност

- Работодавач за работник со дополнителна работа, согласно членот 121 од Законот за работните односи

Финансиска поддршка за исплата на платите не може да користи:

Сопственик/основач на работодавачот-барател на финансиска поддршка, управител, прокурист, односно застапник по закон и членовите на органите на управување и надзор на работодавачот-барател на финансиска поддршка

- Орган на државна и на локална власт и други државни органи основани согласно со Уставот на Република Северна Македонија и со закон, институција која врши дејност од областа на образованието, науката, здравството, културата, трудот, социјалната заштита и заштитата на детето, спортот, како и во други дејности од јавен интерес утврден со закон, а организирани како агенции, фондови, јавни установи, јавни претпријатија и трговски друштва основани од Република Северна Македонија, општините, градот Скопје и општините во градот Скопје

-  Приватна агенција за вработување за работник кој е отстапен кај работодавач од претходната точка

Враќање на финансиската поддршка

Работодавачот кој го искористил правото на финансиска поддршка за исплата на плати, има обврска примените финансиски средства да ги врати во Буџетот на Република Северна Македонија, но најмногу до износот од 50% од остварениот финансиски резултат за 2020 година зголемен за износот на оданочивите расходи и помалку искажаните приходи во Даночниот биланс за обврзниците на данокот на добивка; за обврзниците на годишниот данок на вкупен приход, најмногу до износот од 50% од финансискиот резултат пред оданочување искажан во Билансот на успех за 2020 година, односно за вршителите на дејност, најмногу до износот од 50% од износот на искажаниот финансиски резултат пред оданочување во Билансот на приходи и расходи (образец Б) за 2020 година, зголемен за непризнаените расходи за даночни цели од годишниот Даночен биланс за утврдување на данокот на доход од вршење на самостојна дејност.

Враќањето на износот ќе се изврши на три месечни рати, без камата, во месеците април, мај и јуни 2021 година.


НАПОМЕНА

За времетраење на финансиската поддршка согласно со оваа уредба и четири месеци после нејзиното престанување (заклучно со месец септември 2020 година), работодавачот кој користел финансиска поддршка за исплата на плати има обврска да го задржи истиот број на вработени што го имал за месецот за кој побарал финансиска поддршка за исплата на платите, намален за бројот на вработени заради пензионирање или смрт на работник. Бројот на вработени што работодавачот корисник на финансиска поддршка треба да го задржи ги вклучува вработените на неопределено време, вработените на определено време и вработените со работно време пократко од полното работно време.


Извор: Влада на РСМ, Рафајловски консалтинг, МСФИ консалтинг