Финансиска поддршка

ДЕТАЛНО ОБЈАСНУВАЊЕ ЗА МЕРКАТА – ПОДДРШКА ЗА РАБОТОДАВАЧИТЕ ЗА ИСПЛАТА НА ПЛАТА ЗА МЕСЕЦИТЕ АПРИЛ И МАЈ 2020 ГОДИНА

Во „Службен весник на РСМ“ бр. 93/20 објавена е Уредба за ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА на работодавачите од приватниот сектор кој се погодени од кризата предизвикана од вирусот COVID-19, заради исплата на платите за месеците април и мај 2020 година.

Измената на оваа уредба владата на РСМ ја објави на ден 09.04.2020 во Службен весник бр.97.

Како и претходно што беше нагласено, целта на овие мерки е директна помош на компаниите засегнати од новонастанатата ситуација и задржување на работните места.

Во текстот подолу Ви ги наведуваме сите детали околу дадената мерка на Владата на РСМ.

ВАЖНО:

Финансиската поддршка од 14.500 денари се однесува на следниве работодавачи

1. Работодавачите кои работат (извршуваат деловна активност) но се погодени од кризата предизвикана од вирусот COVID-19

2. Работодавачите кои не работат (не извршуваат никаква деловна активност) како последица од кризата предизвикана од вирусот COVID-19

Работодавачите кои во дадените месеци ке работат, истите имаат обврска на своите вработени да им исплатат плата согласно договорот за вработување (при што мора да се почитува законот за минимална нето плата од 14.500 денари). Државата на овие работодавачи ќе им исплати 14.500 денари на нивните сметки во зависнот од бројот на аплицирања по вработен, а остатокот го надоместува самиот работодавач.

Работодавачите кои во дадените месеци нема да работат, истите имаат обврска на своите вработени да им исплатат надомест на платата согласно одредбите од член 112 став 7 од Законот за работни односи (надомест на плата за време на виша сила) и воедно не треба да го почитуваат Законот за минимална плата. Износот кај овие работодавачи кој го надоместува државата изнесува 14.500 по вработен, што за работодавачите оваа значи и целиот бруто трошок за исплата на плата.

Нето надомест на плата

9.045 денари

Придонеси

4.060 денари

Доплата на придонеси

1.035 денари

Данок на личен доход

91 денар

Вкупно бруто трошок

14.500 денари

Услови за добивање на финансиска поддршка

1. Намалувањето на вкупните приходи на работодавачот-барател на финансиска поддршка во месец април 2020 година или во месец мај 2020 година да изнесува повеќе од 30% во однос на месечниот просек на вкупните приходи остварени во 2019 година, а за работодавач-барател на финансиска поддршка кој е запишан во соодветен регистар (основан) после месец март 2019 година, вкупните приходи за месец април 2020 година или месец мај 2020 година да се помали за најмалку 30% во однос на месечниот просек на вкупните приходи остварени од денот на запишувањето во соодветен регистар во 2019 година и месеците јануари и февруари 2020 година. За работодавачот-барател на финансиска поддршка кој врши дејност од сезонски карактер, намалувањето на просечните приходи за последниот сезонски период од 4 месеци споредено со просечните приходи за сезонскиот период од истите 4 месеци во претходната година да изнесува повеќе од 30%

2. Работодавачот-барател на финансиска поддршка да не исплатува дивиденда на сопствениците, како и да нема извршено исплата по основ на награда за деловна успешност (учество во добивка, бонус) или друг вид на годишна награда на вработените и органите на управување и надзор на работодавачот-барател на финансиска поддршка, од денот на влегувањето во сила на оваа уредба, до денот исплатата на платата за месец мај 2020 година

3. Најмногу 10% од вкупниот број на вработени кај работодавачот-барател на финансиска поддршка да имаат поединечна месечна нето плата над 120.000 денари месечно по вработен, за месецот за кој се бара финансиска поддршка.

НАПОМЕНА

За времетраење на финансиската поддршка согласно со оваа уредба и два месеци после нејзиното престанување (заклучно со месец јули 2020 година), работодавачот кој користел финансиска поддршка за исплата на плати има обврска да го задржи истиот број на вработени што го имал за месецот за кој побарал финансиска поддршка за исплата на платите, намален за бројот на вработени заради пензионирање или смрт на работник. Бројот на вработени што работодавачот корисник на финансиска поддршка треба да го задржи ги вклучува вработените на неопределено време, вработените на определено време и вработените со работно време пократко од полното работно време.

Работодавачот не може да користи финансиска поддршка за вработен доколку:

– Работникот за периодот декември 2019 година, јануари 2020 година и февруари 2020 година, остварил нето плата повисока од 39.900 денари за секој месец одделно, сразмерно на часовите на пријавено работно време

– Користи субвенционирање согласно со Уредбата со Законска сила за субвенционирање на износ за исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување за време на вонредна состојба

– Користи ослободување од плаќање на данокот на личен доход и придонеси од задолжително социјално осигурување, согласно со Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност (за мерките од проектот- МАКЕДОНИЈА ВРАБОТУВА)

– Работодавач за работник со дополнителна работа, согласно членот 121 од Законот за работните односи

Финансиска поддршка за исплата на плати не може да користи

– Орган на државна и на локална власт и други државни органи основани согласно со Уставот на Република Северна Македонија и со закон, институција која врши дејност од областа на образованието, науката, здравството, културата, трудот, социјалната заштита и заштитата на детето, спортот, како и во други дејности од јавен интерес утврден со закон, а организирани како агенции, фондови, јавни установи, јавни претпријатија и трговски друштва основани од Република Северна Македонија, општините, градот Скопје и општините во градот Скопје

– Приватна агенција за вработување за работник кој е отстапен кај работодавач од претходната точка

Враќање на финансиската поддршка

Работодавачот кој го искористил правото на финансиска поддршка за исплата на плати, има обврска примените финансиски средства да ги врати во Буџетот на Република Северна Македонија, но најмногу до износот од 50% од остварениот финансиски резултат за 2020 година зголемен за износот на оданочивите расходи и помалку искажаните приходи во Даночниот биланс за обврзниците на данокот на добивка;

За обврзниците на годишниот данок на вкупен приход, најмногу до износот од 50% од финансискиот резултат пред оданочување искажан во Билансот на успех за 2020 година,

За вршителите на дејност, најмногу до износот од 50% од износот на искажаниот финансиски резултат пред оданочување во Билансот на приходи и расходи (образец Б) за 2020 година, зголемен за непризнаените расходи за даночни цели од годишниот Даночен биланс за утврдување на данокот на доход од вршење на самостојна дејност.

Враќањето на износот ќе се изврши на три месечни рати, без камата, во месеците април, мај и јуни 2021 година.

Напомена

Доколку правните лица обврзници на данок на добивка или трговците поединци и самостојни вршители на дејност имаат ЗАГУБА, тогаш истите немаат обврска за враќање а парите од добиената финансиска поддршка

За дополнителни иформации контактирајте не

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *